Feed on
Posts
comments

Секогаш кога ќе решам да пишувам некој текст на мојот блог си велам „е од сега има да пишувам многу често, можеби не секој ден но многу често“. И ме фаќа мрза, секогаш имам други „поважни обврски“ и така си најдувам оправдување за мојата неактивност на овој мој блог. Се надевам дека овој текст нема да ми биде последен за оваа година и се надевам дека ќе бидам барем малку поактивен од претходно.

Е сега за насловов „Закон за сметководствени работи“. Конечно се случи и тоа чудо. И ние сметководителите добивме закон или поточно добивме професија која е заштитена со закон. Коментарот за овој закон можеби требаше да биде пред неколку месеци но „јебига“, немав време ;)  . Законот требаше да се донесе многу многу порано, можеби по распадот на Југославија но најдобро е што воопшто се донесе па макар и да е задоцнет. Воглавно е добар, ја штити професијата сметководител (и се надевам дека изразот книговодител конечно ќе замине во историјата). Најмногу што ме радува е тоа што овластен сметководител може да биде само оној кој има Економски факултет, барем да не ми биде за џабе тоа што имам завршено економски факултет. Второ нешто кое ме израдува се привремените уверенија. Секогаш е полесно да се критикува отколку да се пофалува но овој закон е за пофалба. Читав по некои форуми, некои луѓе не прават разлика помеѓу уверенија и лиценци за работа, или не можат да ги сватат полисите за осигурување од ризик кои треба да се вадат. Но јас мислам дека во законот се си убаво дефинирано и пропишано. Секако дека има и недостатоци. Како најголем недостаток мислам дека е тоа што фирмите за сметководство нема да можат да си водат сметководство сами за себе. Но и тоа не е толку страшно и нерешливо.

Во законот убаво си пишуваше дека последен рок за одржување на основачкото собрание на Институтот на сметководители и овластени сметководители ќе биде три месеци од денот на стапување во сила на законот (законот стапи во сила на 03.08.2012 а послединот рок беше 03.11.2012). Тоа и се испочитува и на 03.11.2012 година се одржа собранието. За жал јас иако имам добиено уверение за овластен сметководител и дури и подигнав материјали од министерството за финансии и го пријавив моето учество на собранието сепак не присуствував на истото (03.11 е роденденот на мојот син – а има ли нешто поважно од фамилијата – добро во денешно време парите односно капиталот се најважни но да не отворам нови теми). На седницата на основачкото собрание е избран Надзорниот одбор во состав (во спортски стил): Претседател – Јасмина Милановска и Членови – Гордана Костадиновска, Соња Поповска, Јадранка Соколовска и Хасан Адеми. Регистрите за сметководители и овластени сметковдители мислам дека уште не се отворени. Да ги потсетам само оние сметководители и овластени сметководители кои имаат привремени уверенија имаат 15 дена рок да поднесат барање за упис во соодветниот регистар но тоа откако ќе се отворат регистрите. На собранието беше донесен и статутот на институтот.

Како последен дел од оваој текст сакам да спонам дека во собранието на РМ е поднесен предлог закон за измена на занокот на трговските друштва со цел усогласување со Законот за сметкводствени работи. Согласно измените годишните сметки за оваа 2012 година ќе се поднесуваат и потпишуваат „по старо“ а од наредната 2013 година при потпишувањето на годишните сметки ќе се внесува и бројот доделен од соодветниот регистар. Измените суште не се изгласани но најверојатно ќе бидат во блиска иднина.

ПДД-ГДП

ПДД-ГДП Годишна Даночна Пријава за утврдување на Персонален Данок на Доход. Тоа е кратенката ПДД-ГДП. Оваа пријава ја поднесуваат физичките лица кои оствариле дополнителен приход покрај редовниот (редовен доход како што е плата, пензија, технолошки и сл.). Сите оние кои оствариле само редовен приход не треба да доставуваат ПДД-ГДП. Пријавата се доставува до Управата за јавни приходи во градот во кој живеете и истата се доставува по истекот на календарската година, најдоцна до 15 март наредната година. Во пријавата има наведено повеќе видови на остварливи приходи и тоа по разни видови на договори на дело, договори на закуп, приходи од дивиденди, приходи од игри на среќа, приходи од авторски права идр. Не би сакал многу да филозофирам околу пополнувањето на пријавата и значењето на полината во пријавата од причина што истата е доста проста и едноставна (http://www.ujp.gov.mk/files/attachment/0000/0140/PDD-GDP_Prijava_04-12_06.01.2012.pdf), а и се што е поврзано со пријавата е објаснето на страницата на УЈП (http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/21) на која има и брошура за оваа пријава (http://www.ujp.gov.mk/files/attachment/0000/0450/ISBN_978-608-4592-29-7_Brosura_Godisna_danocna_prijava_za_utvrducanje_na_personalen_danok_na_dohod_09-458_1_17.01.2012.pdf). Она за што сакав да прокоментирам е тоа каква е реакцијата на граѓаните кон пријавата. Според моето лично искуство а и според искуството на некои мои колеги според реакциите лицата можеме да ги поделиме на четири вида:

- лица кои и претходните години поднесувале пријави или се занимаваат со таква слична проблематика („професионалци“)

- лица кои се плашат („параноични“)

- лица кои се инаетат („опасни“)

- „газди“

Во прввата група спаѓаат оние кои поднесувале пријава и претходните години или некои лица кои се занимаваат со таа проблематика (како на пример сметководителите:). Овие лица не реагираат бурно и обично знаат дека и самата пријава не претставува нешто големо, едноставно ја пополнуваат и најчесто ја поднесуваат на 15 март од причина што знаат како да ја пополнат, па најпрво си завршуваат други работи а пријавата ја оставаат за на крај, во последен момент. Кај нив може да има и грешка (многу ретко) во пријавата, но и на тоа не реагираат бурно туку веднаш ја корегираат. Исто така кај пријавите кои ги поднесуваат може да се појава разлика во персоналниот данок па можно е истите да треба да доплатат данок (најчесто неколку денари).

Е втората група на лица (лица кои се плашат) е најинтересната група на лица кои треба да поднесат даночна пријава. Тие помалку стануваат и параноични. Горе заборавив да спомнам дека почетниот рок за поднесување на пријавата е 15 февруари (кој пак е краен рок за поднесување на ПДД-ГИ за фирмите). Лицата од оваа група најчесто сакаат да ја поднесат пријавата веднаш по 31 декември. Во случај доколку сеуште не добиле потврда за платен данок од фирмите постојано вршат притисок и се јавуваат секој ден и прашуваат кога ќе ја добијат потврдата. И колку повеќе одолговлекуваш толу повеќе се досадни и нонстоп ти звонат „кога ќе ми биде готова потврдата“. Тие дури и мислат дека доколку некоја фирма не им издаде потврда дека тие ќе платат казна и затоа се премногу упорни. И цело време се во паника „Леле кога ке ја поднесам пријавата“ а датумот 13 февруари (уште не почнало поднесувањето на пријавите) :D:D:D. Овие лица најчесто ги поднесуваат своите пријави на 15 февруати и од тие причини може да се случи да заборават да пријават некој приход па после паниката станува уште поголема :) . И уште нешто кај пријавите на овие лица истоа така можно е да се појави разлика за плаќање на персонален данок во висина од неколку денари и тогаш започнува притисокот према оној кој помалку го платил данокот, па зошто помалку платил, па кој ќе ја плати сега разликата а разликата 4 денари (дај јас ќе ја платам и „крши гла“ да не те гледам):D:D:D.

Во третата група влегуваат оние луѓе кои се инаетат и се прават „големи“ и „опасни“ бетар од Ал Капоне. Кога ќе му ја пратите потврдата дека е платен данокот и дека треба само да го пријават данокот, нивниот најчест одговор е „Шо да напрам???!!! Да му пријавам???!!! Море…. ни му пријавувам, ни ги матам!!! Тие мене петнајсе години ме остаја на улица, без работа, па сега јас да му пријавувам!!! (Ама казната е 1000 евра) Море каква казна…. непријавувам!!! Шо че напра, ДУШАВА че ми ја зема???!!!“. Тоа е нивниот коментарот. И најчесто тие не поднесуваат пријава (поради страв дека ќе платат данок или пак имаат некој приход на „црно“ па мислат дека ќе се открија идр.). Па потоа кога ќе му стигне решение со глоба од 500 до 1000 евра па после ќе одат во УЈП изреволтирани па ќе сакаат физички да се пресметаат, па веднаш ќе најдат некој кој работи против нив во УЈП :) итн.

Последната група на луѓе се „газдите“ или „капиталистите“ (сопствениците на капитал). Доаѓа 15 февруари и тие веднаш на сметководителот „Кога ќе поднесуваме ПДД-ГДП“ а не гледаат дека тој уште мака мачи со ПДД-ГИ и неможе да ја состави. Кога ќе ги добијат потврдите му ги даваат на сметководителот и тој да му ја потполни и поднесе пријавата. А често и забораваат на некој приход и после сметководителот е крив зошто не му кажал, а што да му каже, дека треба да се пријават сите приходи:P. Често имаат некој приход дополнителен, скриен, некоја провизиичка или нешто слично, па сега проблем е и кој ќе го плати неплатениот данок (а тие толку пари зеле па сега за некоја илјада данок, одма се стегнуваат). „Газдите“ исто така цело време прашуваат „Кога ќе ми ја поднесеш пријавата“, како небаре обврска на сметководителот е да ја направи ПДД-ГДП за газдата, како небаре приходот што го остварил газдата е од сметководителот. Овие лица пријавата не ја поднесуваат до УЈП тоа го прават нивните сметководители или други „потрчковци“ и тоа најчесто неколку дена пред истекот на крајниот рок (да не биде 15 март оти повторно на некој начин може да настрада „потрчкото“). Кај пријавите од овие лица може да се појави поголема разлика во персоналниот данок или што е уште полошо може да добијат решение за непријавен дополнителен приход (и тоа во поглема сума) и за сето тоа не се виновни тие туку виновни се тие што му ја потполнувале пријавата. Доволно беше за ПДД-ГДП а претходново напишано за оваа последна група на луѓе нека биде предговор за мојот нареден пост „КАПИТАЛИСТИ“.

Деловните субјекти кои водат сметководство согласно Законот за трговски друштва и Правилникот за водење на сметководство, како и законите за сметководство на буџетите и буџетските корисници и непрофитабилните организации, имаат обврска за составување на Годишна сметка. Годишната сметна, согласно законот се доставува најдоцна до 60 дена по завршувањето на календарската година, но постои законска можност рокот да биде пролонгиран за 30 дена, а за тоа одлучува Законодавецот. Тој рок за поднесување на Годишната сметка оваа година истече на 29.02.2012 година. Кој поднесе, поднесе, кој не поднесе ќе си плати казна до која максимално може да достигне висина од 4000 евра и 3 години забрана за вршење на должност. Оваа година (за 2011) може да се рече дека се донесоа најголемите измени во областа на сметководството. Според мене измените во Правилникот за Сметководен план…. требаше да важат од 2012 година. Токму тие измени како и применувањето на МСС и МСФИ, ја направија целата збрка околу составувањето на Годишната сметка за 2011. После составувањето на годишна сметка за два правни субјекти и учествувањето во составувањето на Годишната сметка на уште еден правен субјект, можам да кажам со сигурност дека профисијата „сметководител“ во Македонија е доста неблагодарна работа. Но најголема вина за тоа имаат самите сметководители пред се, никој друг. Сепак се чини дека ќе „тргне работава напред“ со донесувањето на Законот за сметководствена дејност, кој сега сеуште е предлог закон. Ако се движат работиве околу донесувањето на законот како што се движеа до сега, би требало до 2013 (ако не дојде крај на светот:)) да се изгласа законот.

Е сега да се вратиме на Годишната сметка. Да составуваш годишна сметка за мене претставува задоволство. Тоа ти е како да си Др. Хаус или Шерлок Холмс, исто како да решаваш некој проблем по математика или како да составуваш некоја сложувалка. Единствен проблем е што немаш доволно време:):):). И пак се вртиме во круг, немаш време оти имаш премногу обврски кои не се поврзани со сметководството и на крај пак кој е крив? Самиот сметководител. Оние сметководители кои работат во една фирма, тие сигурно работат и како благајник, курир, комерцијалист, телефонска секретарка, кафекуварка, фактурист, контер, некогаш и возач итн. А пак оние кои имаат сметководствени бироа, тие пак покрај гореспоменатите професии, со цел да привлечат што повеќе муштерии даваат дополнителни услуги или пак ги снижуваат цените на сопствените услуги. Па после имаат многу клиени, па неможат да стасаат на време, а земаат по 1000 денари од клиент што не му дозволува да имаат вработен (кој претставува дополнителен трошок) итн но тоа е друга тема. Најубаво чувство имате кога го составувате билансот на состојба и кога на крајот активата и пасивата ќе ви се сложат без ниту една грешка:):):). Е тогаш е како Барселона да ја освоила Лига на шампиони против Реал Мадрид. А и да има грешки, доколку ги најдеш пак го имаш истото чувство… и пак Барселона, Лига на шампиони против Реал Мадрид ама со пресврт. Грешката во билансот на состојба може да биде многу малку веројатна, а и да ја има тогаш таа носи корени од билансот на успех а со тоа и од даночниот биланс. Во билансот на состојба ја имаме активата и пасивата кои секогаш се со ист износ. Во активата ги имаме основните средства и паричните средства, побарувањата и залихите (грубо речено), а во пасивата влегуваат капиталот, обврските, акомулираната добивка и добивката за тековната година (податок кој се црпи од билансот на успех). Во билансот на успех влегуваат сите приходи и расходи (било да биле извршени од или за дејноста која ја извршува фирмата или не) и производството. Во билансот на успех, за разлика од билансот на состојба страните „+“ и „-“ се различни. Доколку приходите се поголеми од расходите фирмата остварила добивка, и обратно доколку расходите се поголеми од приходите фирмата остварила загуба. За финансискиот резултат мошне битен елемент е и производството и неговите залихи. Доколку почетното салдо (на почетокот на годината) на недовршено производство (изразено во паричен износ) е помало од крајното салдо (на крајот на годината) на недовршено производство, добивката ни се намалува и обратно. Веќе неколку години или поточно од годишната сметка за 2009 година Данокот на добивка не се плаќа со самото поднесување на годишната сметка туку истиот се плаќа во моментот на исплата на дивиденда. Со поднесувањето на завршната сметка до ЦР се поднесува и даночен биланс до УЈП и во него се внесуваат сите непризнати расходи и 10 % од добиениот износ се плаќа како данок на добивка. Во обрасците за годишна сметка влегуваат и:

-        образецот СПД – Рекапитула (структура на приходи по дејности) – каде се прикажуваат сите остварени приходи и од кој дејности истите се остварени;

-       образецот ДЕ (Дравна евиденција) – кој служи за државниот завод за статистика. Сметководителите не обрнуваат големо внимание при пополнувањето на овој образец, а и реално во него се внесуваат само дел од податоците кои ги има во билансот на состојба и билансот на успех;

-       од оваа година Објаснувачки Белешки – обрасци чии податоци повторно ги има во билансот на состојба и билансот на успех но во овае белешки се расчленети. Според мене воопшто не е потребно да ги има овие белешки. Доколку се потребни информациите од овие белешки може слобогно да се изврши мало разчленување на билансот на состојба и успех и решен проблем.

Со поднесувањето на годишната сметка на секој сметководител му паѓа голема „грутка од срцето“…. „голем товар од глава“ му се симнува. Затоа повеќето сметководители се толку среќни кога ќе ги предадат завршните. И јас бев среќен и уште посреќен на 29.02.2012 год. и тоа само еден мал дел поради предавањето на завршната сметка а пред се поради тоа што тој ден добив ќерка……

Е-Услуги

Секојдневното користење на интернетот и неговите услуги во денешно време е повеќе од потребно. Денес практично е незамисливо функционирањето на едно средно претпријатие  без користење на интернет. Каде се наоѓаат претпријатиата во нашата земја во сето тоа или подобро речено кои се услуги можат и ги користат? Без оглед на тоа каква е состојбата во нашата земја сепак мора да се пофалат поголем дел од институциите кои нудат е-услуги и нивно користење. Придобивките од користењето на е-услугите се големи и тоа почнувајќи од одбегнувањето на гужвите во институциите, користењето на 24 часа, 7 дена во неделата, заштедата на време, заштедата на човечки ресурси па се до заштедата на наливите :) . Сериозно придобивките се големи. А недостатоците? За недостатоците подолу во текстов.

Од мое лично искуство би сакал да пишам нешто повеќе за оние е-услуги кои ги користам и јас.

1. Како прва и основна е-услуга би го спомнал електронскотo банкарство. Секоја банка во Македонија нуди електронско банкарство, односно реализирање на налози преку интернет, следење на состојба на сметка во секој момент, итн. Нема повеќе чекање на шалтери. Со е-банкарството и неговите услуги повеќе во банка не треба воопшто да се оди (освен за внесување на дневниот промет). Значи во банка по извод НЕ затоа што можеш истиот да си го печатиш сам. Платниот промет исто така можеш да го вршиш сам со тоа што провизијата за налозите пуштени преку интернет е помала за разлика од онна која ја плаќаме ако налозите ги однесеме во банка (тоа има логика затоа што банката треба да му исплати плата на службениците од платен промет, кои го куцаат налогот наместо тебе :) . Постојат и  шаблони па нема потреба да ги куцаш или бараш податоци од налогопримачите на кои им плаќаш и + си ги следиш сите приливи. Освен тоа ги имаш и сите изводи на располагање и можеш да ги штампаш и прештампуваш колку што ти е потребно. Воглавно оваа услуга е многу повлона за претпријатиата во Македонија (и не само за фирмите оваа услуга е достапна и за физичките лица и функционира на истиот принцип). Користењето на е-банка е многу едноставно. Имаш само една користничко име и лозинка за влез во системот и еден пасворд за потпишување на налозите и нивното реализирање.

2.Како втора е-услуга би ја спомнал услугата на УЈП (Управата за Јавни Приходи) е-Даноци. Тоа е услуга која ја дава УЈП преку која што можеш да праќаш електронски даночни пријави и да имаш увид во даночните картици. Оваа услуга за големите фирми беше достапна од поодамна но од пред една година отприлика таа е достапна за сите претпријатиа во Македонија без оглед на нивната големината. Предностите со огромни. Нема повеќе носење пријави во УЈП. Пријавата си ја потполнуваш откако ќе влезеш во ситемот и истата ја проследуваш до УЈП. Пред да ја проследиш можеш истата да ја провериш дали има математичка грешка и исто така одкако ќе ја проследиш добиваш одговор дали пријавата е прифатена. Исто така со оваа услуга не треба да поднесуваш барања за тоа да ти издадат сметководствена картица каде ќе можеш да ги видиш сите уплати и сите пријави (како и позитивните и негативните камата) кои си ги поднесол до или према УЈП. Сето тоа можеш да го видиш на интернет, се разбира доколку си логиран во системот. Функционирањето на е-даноците е малку покомплицирано од е-банкарството затоа што портебен ти е и твојот е-маил. Во почетокот на фукционирањето на оваа услуга најпрвин требаше да се достави Барање за користење на е-даноци, па потоа Управата ти доставува договор кој треба да се потпише и да се достави пак до Управата за на крај Управата ти достави плико со корисничко име и пасворд кој е за една употреба. Сега процедурата е поедноставена. Имено поребно е само да се достави барање и по ден-два Управата ти доставува плико со корисничко име и пасворд. При логирањето, откако ќе ги внесите корисничкото име и пасвордот на мејлот кој сте го доставиле до Управата ќе ви стигне порака со лозинка која исто така ја внесувате за да можете да влезете во системот. Исто така истата постапка се повторува и кога ќе ја поднесувате даночната пријава. Ваквиот начин за работа нема да му претставува проблем за сметководителите освен за оние постари сметководители кои многу ретко го користат компјутерот или интернетот (а верувајте има такви многу и без навреда). Овде вреди да се спомне и системот за пресметка на платите кој функционира кај нас со почетокот на бруто платата во Македонија. И пред тоа поднесувањето на фолиото можеше да се врши преку интернет но со воведувањето на бруто платата се добива целосна пресметка за сите придонеси и даноци од плата како и за тоа колкава е бруто и нето платата на фирмата. Значи тој таканаречен МПИН може да се доставува електронски и притоа во рок од 24 часа од Управата добиваш потврда или рекапитулација од платата каде што ќе ти бидат укажани сите грешки доколку ги има декларацијата. Но тоа време од 24 часа секогаш се сведува на 20-60 мин. освен кога системот е паднат и имаат некаков проблем, тогаш одговор ќе добиете кога ќе се санира дефектот.

3.Од крајот на 2010 година во функција влезе и електронското поднесување на КИПО-образецот кој се поднесува до НБРМ (Народна Банка на Република Македонија) и во кој се внесуваат сите побарување, сите обврски, сите приливи и сите одливи кои се однесуваат за странство и за работењето надвор од Македонија во период од три месеци. Меѓутоа обврска за поднесување на КИПО-образецот на секои три месеци ја нема секое претпријатие туку само оние кои добиле известување од НБРМ за поднесување на истиот. Е сега користењето на оваа услуга навистина можеби е од корист и внесувањето на податоците во образецот можеби е лесно, но логирањето во системот претставува „научна фантастика“. Можеби не е толку сложено но стварно не ми е јасно зошто толку пасворди, лозинки, кориснички имиња, па пасвордот да бидел минимум од незнам 10 карактери и тоа да има минимум една голема и една мала буква, еден број еден специјален знак и да се менува на секои шест месеци. Незнам можеби јас грешам можеби треба баш толкава безбедност. Заборавив да спомнам дека претходните две услуги можете да ги извршувате и на традиционалниот начин со одење до институциите и поднесување на рачно напишани или искуцани документи, но за КИПО-образецот тоа не важи – поднесувањето мора да биде електронски. Јас мислам дека ваквиот начин на поднесување на КИПО-образецот одзема повеќе време отколку оној традиционален – пополнување на образецот рачно или на компјутер и испраќање на истиот по пошта. Не сум за враќање на стариот начин на поднесување на КИПО-образецот, туку мислам дека треба да се промени нешто во начинот на логирање во системот.

4.Четврта е-услуга која би сакал да ја спомнам е услугата која ја дава АВРМ(Агенцијата за Вработување на Република Македонија). Со користење на оваа услуга можеш сам да пријавуваш и одјавуваш вработени како и да пушташ огласи за слободни или новоотворени работни места. Секоја чест за ваквата услуга на одговорните за тоа. Нема повеќе затворени канцеларии и чекање пред нив. Сега пријавувањето е многу едноставно само треба претходно да имаш пуштено отворен оглас и по седум работни дена можеш да вработуваш само со искуцување на ЕМБГ од лицето кое се вработува. Одјавата на вработени се врши на истиот начин. Исто така можеш да отштампаш документ кој претставува м1/2 во електронска форма кој секако нема да има печат но ќе има идентификационен број со кој се докажува дека пријавувањето/одјавувањето е реализирано. Овој систем работи многу едноставно и за негово логирање доволно е само да имате Токен (и за електронското плаќање е потребен токен) и при регистрацијата која е електронска (без некакви барања) добивате корисничко име и лозинка и работата е завршена. Во системот влегувате само со внесување на корисничкото име и лозинката. Е сега во сето ова име една иронична ситуација за која неможам да пишувам во овај текст бидејќи има доста за пишување и е поврзана со ФЗО (Фондот за Здравствено Осигурува), за тоа ќе пишувам во наредната објава.

Овие е-услуги ги користам јас. Тука морам да ја спомнам и е-услугата која започна да ја дава и ЦР (Централниот Регистар) која се однесува на поднесување на регистрации за фирми, барања за разни потврди и многу други услуги. Оваа услуга е најнова и за користењето на истата мислам дека е потребно да се има Токен. Но за ова ќе пишувам во наредните објави откако ќе имам можност истата да ја испробам.

Не очекував овој текст да биде олку голем но јас мислам дека за ова има и уште многу да се пишува. Можам само уште да спомнам дека шпедитерските компании имаат посебен систем со кој се поврзани со Царината, исто така мислам дека и аптеките имаат посебен систем во врска со издавањето на лековите и др, но за сето тоа не сум компетентен да пишувам,в прочем овие е-услуги кои ги наведов може да ги користи билокоја фирма со билокаква дејност.

КЛАСА О

Во светот на сметководството првиот број од контотo (сметката) ја означува Класата, првите два броја ја означуваат групата а првите три боја ја означуваат синтетичката сметка. Секое конто (сметка) составена од четити или повеќе броеви ја означува аналитичката сметка. Класите, групите и синтетичките сметки се речиси унифицирани и универзални во сметководството воопшто но аналитичките сметки можат да се разликуваат и да бидат специфични за одделни фирми или гранки од стопанството.

Класа О – Побарувања за запишан, а не уплатен капитал и постојани средства. Тоа со една реченица би била класа 0. На сметките од групата 00 се евидентираат побарувања за запишан, а неуплатен капитал. На сметките од групата 01 се евидентираат нематеријални вложувања. На сметките од групата 02 се евидентираат материјалните средста. На сметките од групата 04 се евидентираат долгорочни финансиски вложувања.

Во овој а и во наредните записи повеќе ќе се обрни внимание на Друштвата со ограничена одговорност (ДОО) и Друштвата со ограничена одговорност на едно лице (ДООЕЛ), а помалку на акционерските, кмандитните и јавните друштва. При основањето на едно претпријатие потребни се неколку документи (изјави, одлуки, договори, пријава итн – со едно име основачки акти) кои се доставуваат до Централниот Регистар на РМ. Меѓутоа пред да се однесат потребните документи во ЦР содружникот мора да уплати најмалку една третина од паричен влог. Износот на уплатите во пари не може да биде помал од 2500 евра во денарска противвредност. Остатокот од влогот мора да се уплати во рок од една година, од денот на објавувањето на уписот на друштвото, во спротивно содружникот мора да плати законска затесна камата. Да не навлегуваме повеќе во темата за основање и статутните промени на претпријатијата од причина што за тоа ќе следи посебен запис.

Самото име на групата Запишан а неуплатен капитал покажува се што се евидентира во сметките на оваа група. По извршување на плаќањето на останатиот износ од запишаниот капитал истиот од класа 0 се евидентира на класа 9.

Нематеријалните вложувања ги опфаќаат издатоците што се отпишуваат во подолг временски период од една година, а кои не можат да се распоредуваат на одделни материјални вложувања. Тука се евидентираат и издатоците за истражување и развој како и патентите, лиценците и концесиите.

Материјалните средства ги опфаќаат промените на природните богатства, издатоците за купување и изградба на средства за работа како и останатите материјални средства кои претставуваат дел од долготрајниот имот на субјектот. Во овие средства спаѓаат: земјишта и шуми, градежни објекти, постројки и опрема, алат, погонски и канцелариски инвентар, компјутерска опрема, транспортни средства, повеќегодишни насади, основно стадо идр. Само за оваа група може да се напише цела книга, но доволно е ова за почеток. Треба да се спомене и тоа дека во оваа група се евидентираат и сметките за амортизацијата на материјалните средства. Постојат специфичности за амотизацијата но уште еднаш спомнувам ова е само вовед.

Долгорочните финансиски вложувања ги опфаќаат паричните вложувања чиј рок на враќање е подолг од една година. Во оваа група се опфатени: вложувања во поврзани субјекти, заеми на поврзани субјекти, вложувања во хартии од вредност идр.

За крај би сакал да ги спомнам Меѓународните Сметководствени Стандарди (МСС) кои претставуваат стандарди според кои требаводи сметководството во целиот свет. За имплементација на МСС во нашата држава донесени се правилници кои стапија во сила од почетокот на оваа година.

TO BE CONTINUE

ACCOUNTING

Пред да почнам со блогови за секоја класа поодделно од би сакал да напишам уште еден блог за сметководството воопшто. Сметководството треба да се свати како некоја логичка операција, за секое ДОЛЖИ има и ПОБАРУВА, за секоја акција има реакција.

Историјата за сметководството датира уште многу одамна, уште кога се започнувало да се создаваат цивилизациите на светот (шумерите во Месопотамија, на пример), кога со обработување на земјата се дошло до заклучок дека е потребно да се запамнува точната вредност на земјоделските продукти. Самото елементарно сметководство е споменато и во Библијата (Новиот Завет), во книгата на Матеј(мат .25: 19). Во исламскиот Куран исто така се коментира за елементарно сметководство (Куран 2: 282).

Во текот на 12век, арапскиот писател Ибан Тајмијах пишува во својата книга Hisba, (” проверката” или “пресметка”) дека пресметувањето на некои системни потреби од страна на муслиманите се употребувани уште од средината на седмиот век, попознати како СЕ. Оваа сметководствена практика подоцна била употребувана и од страна на римјаните и персијците. Првата книга за сметководството била составена од хрватинот Бенедикт Кортулевиќ трговец од републиката околу Дубровник, Хрватска). Според други пак, создавач на првата книга по сметководство „Се за аритметиката, геометријата, пропорциите и пропорционалноста“ („Summa de arithmetica, geometrica, proportioni et proportionalita “, Венеција, 1494 г.) бил Лука Пачоли. Книгата содржи отделна глава во која за прв пат се опишува сметководствениот систем во Венеција.

Сметководство е дисциплина што се занимава со запис, класификација, интерпретација и комуникација на финансиската информација. Практичарите се нарекуваат сметководители. Основата на секој сметководител треба да се темели врз националните сметководствени стандарти (US GAAP, General Accepted Accounting Principles), меѓународните сметководствени стандарти (IAS-International Accounting Standards) и друго. Секој кој се занимава со некоја стопанска дејност е должен да води евиденција според мегународните стандарди.

Ова е извадок т.е. тоа е се што е напишано на македонски на wikipedia во врска со историјата и поимот на сметководството.

Потребното знаење за да се занимавате со водење на сметководство може да се добие на факултет или на курс за сметководство (макар што курсевите се многу поефикасни иако траат само неколку месеци), но сепак искуството е она што го прават еден сметководител добар професионалец. Многу често сметководството го поврзуваат со даноците на фирмите и претпријатијата. Има дел што е поврзан со даноците, меѓутоа водењето на сметководство не е само пресметката на даноци или одбирањето начин да се плати помалку данок, тоа е комплетна слика за претпријатијето и неговото работење. Зошто да не се плаќа и да се затајува данок кога има толку многу легални начини да се избегне неговото плаќање. Постојат многу легални начини да се избегне плаќањето на данок (дупки во законот), и многу причини да се проба тоа. Од друга страна грешките во сметководството (намерни или ненамерни) се санкционираат со огромни глоби и казни.

За сметководството има многу да се пишува, за што има и време.

ПОЗДРАВ…

Пред некој ден гледајќи вести на ТВ слушнав дека сметководителите биле една од најбараните професии во Македонија. Јас сум сметководител веќе цели, долги три години. Меѓутоа кај нас не се бара професијата „сметководител“, туку „сметководител (+курир, благајник, секретар) – потрчко“. А и да се бара професионален сметководител, за колкава надокнада се работи. Јас сум од Прилеп иако сум релативно млад т.е. имам 25 години сепак работам уште од мојата 20 година. Сметководителите кај нас воопшто не се ценат. Прво и основно, имаше порано Закон за сметководство али од поодамна е веќе вон сила. Второ, кое произлегува од сето ова: за да бидеш сметководител не ти треба ниту образование ниту курс, ама баш нисто. За да вршиш превоз на скоти не само што ти треба возило и возачка дозвола (Ц, Д…) ти треба и лиценца за овластен превозни. За да вршиш работи од областа на раштитата при работа треба имаш лиценцирана фирма за тоа. За да вршиш откуп на отпадно моторно масло пак треба да имаш фирма која ќе има лиценца за истото. За да се занимаваш со храна ти треба ХАСАП систем инт. Ама за да водиш сметководство не ти треба ништо. Не ти треба дури ни фирма. Јас би сакал да потенцирам дека треба да се воведат некакви стандарди, услови и лиценци за професијата сметководител. Ревизориве како направија, за да бидеш ревизор т.е. овластен ревизор, треба да имаш 3 годишно работно искуство во ревизорска куќа под надзор на друг овластен ревизор. И еве на пример јас ако имам желба да станам ревизор никогаш нема да можам да станам. Не оти причина се паричните средства, не оти причина е факултетското образование, не оти причина е искуството во областа на сметководството, туку затоа што моето искуство треба да биде токму во ревизорска куќа под надзор на овластен ревизор. Еве уште малку комората на сметководители ќе слави една година од нејзиното оформување ама слабо се залагаше да се афирмира и заштити професијата „сметководител“. Нелојалната конкуренција како и во другите сектори од стопанството си го прави своето.

Потребно е да се воведат некакви критериуми кои ќе можат да се исполнат за да можат луѓето и претпријатијата да се занимааваат со сметководство.

Можеби никој нема да го прочита овој текст но мојата желба е да пишувам со што се сретнувам во моето работење и сакам да отворам тема за сметководството и проблемите на сметководителите. Па сите кои се заинтересирани слободно нека пишуваат. Ова ќе биде мојот вовед за она што ќе следи во наредните денови, месеци и години…..

ПОЗДРАВ ДО СИТЕ